Ана Бунтеска: Од тебе до мене само една мисла има
Од тебе до мене само една мисла има
која прелетува напукнати насмевки
и неосетно во мојот црно-бел свет боја истура
ко мома убава да заличи
да светне и со срма да се накити.
Од тебе (драги мој)
до мојата воздишка
има само една нишка
по која мислата ми чекори
внимателно и вешто
како изведувач во циркус
кој по тенката жица се движи
а ти заедно со цела публика
дишењето го запираш додека угоре се пулиш
од страв дека едно издишување
може да го наруши совршениот баланс.
Ете, токму така
занемено мислата ми ја следиш
и ме оставаш да ти зборувам
без ниту еден збор да изустам.
Од тебе... до мене...
Ех!
Од тебе до мене, душо моја,
само еден удар од срцето има
кога во твоето ТИК
моето ТАК ќе се најде
та некогаш моево знае и да подзабави
само за да те почека и заедно да баботат
без страв дека може без здив да ме остави
дур со наивност на дете му верувам
дека точно знае што прави
та го оставам без да го трујам со сомнежи.
Од тебе,
од тебе до мене планини разочарувања има
твои болки и мои падови
а јас, пак, како дете сум
инаетлива
решена да го изодам сиот пат
со главата низ ѕидови да минам
и мевлем облози на твоите заболени места да ставам
да те зацелам
за да можам и јас да оздравам
чунки од иста болест боледуваме.
Од тебе, пиле мое,
од тебе до љубовта моја
ниту време ниту простор има
освен мојата дланка отворена и треперлива
полна зборови и думи.
Од мене... до тебе... за тебе.
Фото: Стојан Стојановски