Ана Бунтеска: Од умот си страдаме
Од умот си
страдаме
Така барем велат
Оние кои веќе стари се
И времето телото им го изгризало
Ама умот им добил на тежина
Чунки мудроста и младоста
Рака под рака не одат
Од умот си страдаме
Оти тој кога свој пат ќе фати
Оди и застани го да те видам
Си тера онаму каде што намислил
Во спомени тешки
Во болки кои си мислел оти дамнешни се
А само си ги закопал во себе
Од умот си страдаме
Од памтивек така било
И не оти нешто ќе се смени
Оти чоек памети само кратко
Та арното брзо го заборава
Ама затоа како кандилце во себе
Пламенот на неубавото го чува
Од умот си страдаме
Од тоа кој што ни рекол
И што за нас помислил
Та јадови на душа си клаваме
За луѓе кои луѓе не се
За дела од кои треба да се срамат
И пред себе глава да сведнат
Од умот
Од него секој од нас боледува
Како да не сме научиле низ годините
Оти спастрен треба да ни е
Како во кутивче украсено ставен
Како градина во која плевел не смее
Ниту пак арно е да израсне
Од умот си страдаме
Та се мислам и размислувам
Како узди да му ставам
Или барем едно ситце густо наредено
Да ми поминат само мисли светли
Од кои виделово ќе ми се разбистри
И сето она што како талог ќе остане
Црно и мачно кое снага ми уморува
Да го џиткосам некаде или в земја да го закопам
Умот
Ете од него си страдаме
Ама и од него здравееме
Кога тешки денови идат
Оти од него се умира
И од него се живее
Само ако човек знае
Само ако човек умее
Со умот пријател да си биде
За Женски Магазин, Ана Бунтеска