Ана Бунтеска: Одвреме навреме
Одвреме навреме како да занемувам...
ниту устата, ниту прстите ми работат,
ниту говорам, ниту пишувам тогаш,
ми се вкочанува вилицата,
прстите ми откажуваат послушност, небаре туѓи се
и тогаш само покорно се пикам во кревет,
свиткана како фетус
и чекам....
некогаш останувам така со денови,
мирна и тивка,
толку тивка што се напрегам дишењето да си го слушнам,
па се прашувам и да не сум оглувела во меѓувреме.
Одвреме навреме како да ослепувам...
очите ми се ширум отворени,
ококорени,
чиниш од дупките ќе ми излезат,
а ништо не гледам
и тогаш напипувајќи внимателно,
повторно се вовлекувам во креветот,
и чекам...
слепилото знае и да потрае со часови и денови,
па ме фаќа страв дека никогаш нема да престане
и играм игра на паметење,
па во главата вртам слики, бои, настани.
Одвреме навреме како да имам амнезија...
туку наеднаш ќе се свестам дека сум некаде,
а не паметам како и кога сум стасала таму,
па си велам,
умот се поигрува со мене,
па од пусти страв повторно во кревет се нурнувам,
набрзина преку глава се покривам
и чекам....
само што овој пат заборавам што чекам,
па срипувам кога ќе огладнам,
попатно деновите ги бројам
и секој пат сум куса за една сабота.
Одвреме навреме сите зборови на хартија ги ставам...
сите кои низ глава ми вреват,
па ги гледам и говорам со нив,
ги оставам да се распоредат како знаат и умеат,
а потем ги читам и гласно им се смејам,
дур не почнам да липам врз нив...
Одвреме навреме ќе си ја напишам тагата,
стравот ќе си го опејам,
на слабоста ќе и’ се потсмевам
и во кревет како во дувло се кријам,
чекам...
небаре спасот е таму,
небаре болката на пауза си ја ставам.
Одвреме навреме само чекам да се случи...
нешто, а не знам што,
ме јаде црвот дека ако заспијам ќе пропуштам...
нешто, а не знам што,
па креветот го одбегнувам,
не го ни погледнувам,
седам со ноќи будна,
не мрдам, како скаменета,
па се прашувам...
дали барем одвреме навреме ќе сум нормална?!
За Женски Магазин, Ана Бунтеска