Ана Бунтеска: Опшивање на душата

Добивај вести на Viber

Ја распарав рубата

Свилена и бела

Со срма по краевите навезена

Ја изресив иднината

Го порабив минатото

А сегашноста ја врзав со конец

Ги пресеков сите нишки прозирни

Кои ме водеа до тебе

И кои од тебе кон мене итаа

Без желба за да се обидам уште еднаш

Да навезам со тебе живот љубовен

Без каење оти не дадов шанса

Чунки човек од грешките си учи

Ги распарав сите сеќавања

Како со остри ножички ги распарталавив

Дур од нив не останаа безлични делчиња

Кои нема да може да ги спои

Ниту најискусната шивачка

Ги пресеков сите надежи

Надве

А потем уште еднаш така

Додека не се претворија во конфети

Со кои ја прославив слободата

Парав, сечев

Сечев и парав

Без да гледам дали ден е

Или ноќта го згуснала воздухот

Парав, сечев

Сечев и парав

Додека не ми се виде бесмислено

Или можеби умор ме совлада

Отсега нема да сошијам ниту ден

Ниту ноќи со воздишки ќе опшивам

Отсега нема да сечам празни ветувања

И како смет ќе ги оставам пред врата

Сега само душава ќе си ја гледам

И неа ќе ја стокмам како нова да е

Оти таа треба да ми трае

Кога веќе се’ свој век има

Сега

Сега ќе ја опшијам со сила

Ќе удрам и еден бод за храброст

За да ја сочувам

За човек да останам


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

фото: фрипик