Ана Бунтеска: оти дете е дете и човек е човек
Порано машко дете ко’ ќе се родело
Тапани до зори биеле и куќите од гости крцкале
Та наречници се ределе
Која поубави думи да каже
Оти јунак на светов дошол
Тој
Што името татково ќе го продолжи
И куќата празна не ќе ја остави
На старост за мајка си и татка си ќе се грижи
И пак домот со дечиња ќе го наполни
Порано
Ама не толку одамна
Женско дете ко’ ќе се родело в куќи
Како болест да ги навјасала сите
И молк
Мува да помине, брмчењето да ѝ се слушне
Оти женското дете од домот ќе летне
И нечие туѓо презиме ќе носи
И ниту мајка, ниту татко ќе гледа
Та веселби не се правеле
Дури и некојпат комшиите се прекрстувале
За да не ги снајде клетвата к’о кај оној од карши
Кој три пати по ред чупиња изгледал
А кај мене пак во фамилија
Ете само женски се раѓаат
Јас
Една на мајка и татко
И ќерка и син
А и од мене чупенце излезе
Та да можам да си поживеам подолго
И да видам дал’ и ќерка ми
Со ќерка благословена ќе е
Оти ете
Кај мене женското од Господ е дар
И знам некојпат на шега татко ми го чепкам
Дали наместо Ана, Андреј сакаше да бидам
За да може и тој в гради да се тупне гордо
И со синот наоколу да се фали
А татко ми пак
Само малку ќе се поднасмее, сосем малку
(Оти троа отповеќе сериозен е
Или мајка ми што би рекла „табиетлија си е човекот“
Та ко’ ми е лута вели оти семката прилепска ми е)
И само ќе ме праша
Во што сум од маж поинаква
Освен што на чупе личам
И некојпат инает ко жена во ПМС терам
И ко ќе помислам троа повеќе
И навистина некоја разлика нема
Освен во умот на луѓето
Ама па тој да го смениш не можеш
И не џабе се рекло дете ко’ ќе се роди
Само живо и здраво да е
Да биди касметлија во животот
И многу мака да не види
Да му е патот широк и рамен
Со по некое камче ваму-таму
Малку за да се препнува
Колку да не заборави оти не е сѐ мед и млеко
Та машко или женско било
Чесно и арно да биде
Образот сиот живот бел да му свети
И устата да не си ја погани
Оти секоја лоша мисла умот го труе
И секое лошо дело со лошо се враќа
И за машко
И за женско
Оти дете е дете
И човек е човек
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска