Ана Бунтеска: Оти мене, мене ноќите - денови ми се
Како поделена на две, како ден и ноќ,
ете така, како распорена да сум,
а во денот, таа половина не се снаоѓа,
втурната меѓу луѓето, во ритам кој не го разбира,
збунета и мочелива, навидум срамежлива.
Таа дневна половина од мене не ја сака светлината,
сонцето и’ пречи, ја пече по голата кожа,
раздвиженоста околу ја измачува, како казна за сетилата,
премногу врева, премногу од се’, уплашена по ќошиња се крие,
небаре сенката ќе и’ испари на асфалтот, а со неа и таа.
И во моментот кога денот тивко умира,
кога згаснува големата топка, а се палат уличните светилки,
мојата дневна половина кришум заспива,
во мене безбедно се стуткува, како дете преку глава се покрива,
да одмори, да здивне од метежот, да собере сила за следното разденување.
Еве, ако е грев, тогаш виновна сум по сите точки,
без оправдувања, без амнестирања,
ама како од анестезија да се будам,
како мојата ноќна половина да се раѓа,
расте во мене и зема замав, како да вели-нашето време доаѓа.
И тогаш се будам, со темнината воскреснувам,
ја мирисам ноќта, со полни гради ја вдишувам,
со рацеве како најдена љубов ја прегрнувам,
насмеана и кокетна пред неа се покорувам,
ја предизвикувам и заведувам, дур во мене бура се спрема.
Ноќите во овој мој чудесно убав град се посебни,
како од ситни копнежи и страст исткаени,
во душава нејзините улици свои крстосници имаат,
и дур сенките низ нив кришум се задеваат,
мене чекорот ми е бесцелен и лесен.
И еве ја зората, ја намирисувам,
вознемирот повторно ми се вгнезгува,
подголтнувам и се храбрам денот да го минам,
да можам до следното зајдисонце да го истуркам,
оти мене, мене ноќите- денови ми се.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска