Ана Бунтеска: Отсакување

Добивај вести на Viber

Отсакувањето полека почнува 

Исто како и љубовта

Ете исто така е и кога чоек отсакува

Толку полека и неосетно

Како кога се засакува некој

Та еден ден му се удира од глава

И уште нерасонет мисла ти клука

Оти без оној другиот не можеш

И дека е се’ што посакуваш

Дека душата ти е полна

Ко бардак полн бистра изворска вода

Ко ливада полна цвеќе

И дури се прашуваш како низ годините си врвел

Без љубов, без тој до тебе

И си посакуваш никојпат да не ти згасне жарта

Која ја носиш со себе каде и да си

Дур еден ден

Дур години отпосле

Не се разбудиш празен

Чунки бардакот се скршил

И снег ја покрил ливадата

Та си велиш дека само така ти се чини

Иако секој ден бегаш од себе

И се криеш во себе

Измислувајќи изговори за кавга

Не знаејќи што ти се случило

Така почнува отсакувањето

Ко некоја болест

Чии симптоми ги игнорираш

И се правиш дека ништо не ти е

А си го знаеш телото

И знаеш дека нешто не е ко што треба

Дур не ти препукне во срцето

Па ти се подели на две

Едната половина која за него била те боли

А другата која за тебе е се бори за здив

И се мачиш некое време

Дишеш како со пола гради

Ниту си за воздух да земеш целосно

Ниту си за да испуштиш душа

Дур толку не ти се приблуе од себе

Од кукавичлук и стравот кој го носиш

Од тој пусти страв за сам да останеш

Што гаден сам на себе си

Дури и за во огледало да се погледнеш

Оти знаеш дека се залажуваш

И дека другиот го лажеш

Дека повеќе не останало ништо

Што лепак меѓу вас двајца е

До денот кога не изустиш “збогум”

И си заминеш со истата леснотија

Со која си дошол кај некого

Без каење

Без назад

Без љубовЗа Женски магазин,. поетесата Ана Бунтеска