Ана Бунтеска: Отвори го кафезот

Добивај вести на Viber

Не се прпелкај од ваму-таму

Не си ги удирај крилата

Не си задавај болка од прачките железни

Немој...

Не се затворај сама во кафез

Од кој после не ќе знаеш

Патот за надвор како да го најдеш

И не влегувај никаде кај што те мамат

Со светкави дребулии и медени зборови

Немој...

Не си ставај сама јамка околу вратот

Од која нема да можеш да запееш

Ниту да свикаш, а ни збор да кажеш

Тогаш кога во душата оган ќе ти вие

И телото ќе те дроби

Немој...

На сите лажни ветувања одмавни со главата

И не оди онаму

Каде што чекорот тежок ти станува

И срцето наназад ти бара да се вратиш

И не наседнувај на ликот

Кој префарбан со сите бои е

И за кој никојпат не ќе знаеш 

Кој му е вистинскиот и чие име носи

Немој...

Отвори го кафезот во кој живееш

И за ништо повеќе не пикај се таму

И прелетај ги сите кафези

Кои низ животот ќе те мамат

Кој со азно во него 

Кој со шарени бои

А некои пак со љубов која љубов не е

Ниту пак некојпат ќе биди

Немој...

Не си ја арчи младоста во кафези

Та и од злато сторени да бидат

Оти нема поголема убост

Од душата слободно кога лета

Некојпат удолу

Некојпат угоре

Ама секогаш своја да е

Своја да си остани

Надвор од сите кафези

Надвор од сите зандани


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска