Ана Бунтеска: Пакт со ѓаволот
Ќе потпишеме договор
на неколку страници читливо испишани
педантно во Word документ.
Јас ќе сум облечена свечено
во црн костум и светната виолина
високи, лакирани салонки
чорапи со тантела
црна, свилена долна облека
и низа бисери околу вратот,
косата ќе ја кренам со украсна шнола
и ќе пуштам неколку прамени кај ушите,
на усните ќе ставам крвавоцрвен кармин.
Ти ќе си во бел костум со тенки црни линии,
со црна кошула и бела свилена вратоврска
со скапоцени манжетни на ракавите од кошулата
светнати чевли со ѓонови од човечка кожа
потсечени нокти и иронична насмевка.
Ќе побарам мир
во замена за моето срце
соништа без кошмари
во замена за мојата јалова матка
анестезирани чувства
во замена за секоја неотсвирена нота.
Интересно
нема да ми ја бараш душата
небаре ја немам или, пак, не ти е предизвик.
Ќе извадиш скапо мастилно пенкало
со тенка игла на врвот
и како во епрувета ќе го наполниш со мојата крв
земена како за најобична крвна слика.
Ќе потпишам
без двоумење
без да се пазарам
и ладнокрвно ќе станам и ќе заминам
олеснета за срце, матка, чувства и неколку капки крв
додека мојата душа
таа ќе остане збунето да се премислува на каде да тргне
оти во овој пакт
ниту ти
ниту јас ја посакав.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска