Ана Бунтеска: Патот кој не го изодевме

Добивај вести на Viber

Тргнавме на пат од кој 

Без рани не излеговме

И ниту ти

И ниту јас

До крај не го изврвевме

Та некогаш се прашувам

Кој од двајцата нас

Прв скршна и замина

Или толку ќори бевме

Што на дикат не кладовме 

Оти заедно повеќе не чекориме

Тргнавме на пат душо моја

Кој почна со поглед

Во кој себе во тебе се видов

А ти во мене себе се најде

И за кој не дочекавме да видиме

Дал горнион за нас милост ќе има

Та на крајот можеби ќе стореше гајрет

Едно куќаре да имавме

И двор широк ко небо

Со бунар длабок удолу

Во кој маките ќе ги извикавме

И озгора со камен мелнички ќе го покриевме

Од страв еден ден да не прелее

И двајцата да се удавиме

Тргнавме на пат 

А не оти знаевме каде сме кинисале

Туку пуста љубов

Таа умовите и телата ни ги прелажа

Ко поган сон во кој го имаш она

Што јаве никојпат твое не ќе биди

Та такви улави и со главите во облаци

Синкир во цветот на младоста се ќердосавме

На тој проклет пат кинисавме

Од кој само лицата од сонце ни потемнеа

И од дожд посивеа

Од ветар силен и душите ни огрубеа

Та ни дланка во дланка појќе не си бевме

За да се сочуваме

За да не залутаме

Еден со друг да не се изгубиме

На пат...

Ете такви никакви

Вљубени и будали

Без ум останати

Такви тргнавме онаму кај што никој не стасал

Ако пишано не му било да стаса

Оти не е до тоа дека ме сакаш

И не е до тоа дека те љубам

Туку е до силата 

Во која зборот е само прашина

И не вреди ниту колку црното под ноктите 

Ако на пат не тргниш 

Решен дека ќе го изврвиш

И дека бос ако треба ќе го изодиш

И дека на болката в лице ќе и’ се смееш

А на сомнежот в очи ќе му плукниш

Тргнавме...

Со многу верба тргнавме на патот

По кој многу чекореле ама не го изоделе

Оти к’смет немале

Оти со к’смет за љубов не се родиле


За Женски Магазин, Ана Бунтеска