Ана Бунтеска: Посакав црвена боја
Се разминавме во две одаи
иако сенките ни се удираа од ѕидовите
а ние замижувавме за да не се видиме
иако можевме по мирис да се познаеме
оти зад нас годините печат свој удриле.
Се заборавивме од молчење
како да си ги истрошивме зборовите
со кои некогаш душите си ги раневме
како врапци на зиме со трошки леб
за да ја дочекаат пролетта.
Се подгрбавевме од тежината на неспокојот
со лузни што никако да ни заздрават
синкир некој крилата ни ги откорнал
та раните живи ни се и пулсираат
синкир обајцата жигосани сме на плеќите.
Се отсакавме еден со друг
низ времето во кое невреме живеевме
научивме секој сам по сам да сме
и си молчиме од пусто шубе што ни е
дека храброста со страв ја заменивме.
Се будиме секој на својата страна од креветот
меѓу нас оладена е постелата
во која ни зјаат сите потиснати копнежи
длабоки колку мојата тага
широки колку твојата осама.
Се разбудив како некоја друга
и те погледав како некој друг да си
како странци што чекорат низ непознат град
во кој нема да се сретнат
или случајно патиштата да им се вкрстат.
Се препнав од твоето тело
ја пречекорив љубовта на едно утро
а потем
потем посакав црвена боја
за со неа да го бојосам срамот.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска