Ана Бунтеска: Премолчи ги сите зборови

Добивај вести на Viber

Премолчи ги сите зборови за збогум,

сите оние кои вака или онака значат крај,

чунки така болката ќе ја премолчиш,

па во срцето ќе процвета нова љубов.

Премолчи ги сите зборови за вербата,

сите оние кои вака или онака значат лажна надеж,

небаре ако не се кажани, нема да пуштат корени,

оти само вербата го крепи животот.

Премолчи ги сите зборови за утеха,

сите оние кои вака или онака значат бол,

оти за заминување утеха нема,

сите зборови се само копја во кревково месо.

Премолчи ги сите зборови за љубовта,

сите оние кои вака или онака не значат ништо,

небаре љубовта со збор се чува и дочувува,

како зборот златен кафез да е за срцето.

Премолчи ми се’, освен една воздишка,

ете само таа ја сакам, само таа ќе остане после нас,

една мала, тивка, скоро нечујна воздишка полна спомени,

чунки така и само така ќе ми воскресне душава.

Премолчи ги сите клишеа, сите изветвени моменти,

оти за љубовта не се говори, не се воздигнува со збор,

за неа се живее, се дише и издишува,

за неа душата од пепел се раѓа, од неа срцето во бол умира.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска