Ана Бунтеска: Преселба

Добивај вести на Viber

Таа ги пакува куферите

Полека и смирено

Како да се спрема за на пат

Како да го спрема за пат

Нејзините од едната страна на креветот

Неговите од другата

Како чудовишта со отворени усти

Без крај и вечно ненајадени 

Кои полека голтаат испеглани кошули

Здиплени маици и долна облека

Небаре новиот живот започнува од нив

Како утеха, како замена за радост

Таа ги пакува куферите

Во совршена тишина

Како тој да не е тука

Како неговото присуство да не го приметува

Иако неговото дишење ја вознемирува

Та во себе си пее песна

Која неодамна ја имаше слушано на радио

Додека рацете и’ работат како да не се нејзини

Не чувствувајќи си го телото

Како да е некоја друга

Со него-некој кој не го познава

И сите спомени полека се празнат

Оставајќи празни ѕидови

И ходници полни молк

А нејзините потпетици одекнуваат празно

Како екот кој само ја засилува тишината

Таа му ги подава клучевите

А тој ја заклучува вратата

Зад која ја оставаат љубовта

Како напуштено милениче

Кое на старост никој повеќе не го сака

И стојат еден наспроти друг

Во денот искапен во жешко сонце

Без ниту еден облак на небото

“Полека доаѓа есен”-вели тој

Без да ја погледне во очите

А таа само нишнува со главата

Иако знае дека тој не ја гледа

Си подаваат рака

Некако свечено и малку патетично

Како да се познаници кои повеќе нема да се сретнат

Како туѓинци кои никогаш не биле заедно

И секој заминува вртејќи му грб на другиот

Без ниту еднаш да се завртат

Без ниту еднаш да се опулат во минатото

Полека ќе дојде есента

Сосем полека и неосетно

А птиците ќе заминат на југ

Тажно е кога заминуваат во посебни јата