Ана Бунтеска: Приказна

Добивај вести на Viber

Измисли приказна

Било каква нека биде

Стави внатре измислени ликови

И секакви убости

Само нека е со среќен крај

Или уште поарно

Раскажи ми приказна која крај ќе нема

Нека е со три точки

Кои утеха ќе даваат

Оти и утре тука ќе сме

Измисли приказна

Полна ливади и цвеќе

Бели коњи и замоци од камен

Онаква која децата подзинати ги остава

Со трепет во душата и исчекување

Та стави и самовили

Некој страшен змеј и песни рој

Птици кои зборуваат

Реки кои забрзано се пенават

И малку магија озгора истури

Измисли ми приказна

Во која себе ќе најдам

Во која тебе ќе те видам

Изменети до непрепознатливост

Оти нашата со крај беше

И една задебелена точка за неминовност

Измисли приказна

Или еве

Измисли среќа бескрајна

Оти возрасните веќе одамна

Во приказни не веруваат

Та ми се чини оти затоа несреќни сме

И затоа полни презир останавме

Оти од сите приказни ликовите ги убивме

За да не ни остане детето во нас

Измисли ми приказна

Која ќе ја пееш наместо да ја раскажуваш

Која ќе ја сонувам

Наместо со неверување да ја слушам

И во неа стави се’ 

Што на јаве проколнавме

И се’ во што престанавме да веруваме

Та можеби и ќе ни се посреќи

Повторно во приказни да почнеме да веруваме

И уште еднаш деца да се сториме

Во една приказна 

Приказна без крај


За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска