Ана Бунтеска: Приказни
Мене не ми требаат
приказни
Кои имаат среќен крај
Ниту зашеќерени бајки
Од кои ќе ми е тешко во утробата
Оти ниту една сказна крај нема
Особено ако среќна е
Особено ако носи спокој
Мене не ми требаат ѕвезди
За да ми кажат колку ме љубиш
Ниту пак сакам од нив ѓердан да ми правиш
Кој само ќе ми го стега вратот
Оти ѕвездите се за на небо
Под кое ќе сме ти и јас
Тивки и без празни муабети
Мене не ми треба азно
Со кое ќе ме накитиш од глава до петици
Ниту пак скапоцен накит
Кој на прсти и раце ќе ми тежи
Остави ги настрана сите дребулии
Од кои никој ќар немал
Ако душата празна му останала
Мене не ми требаат скапи руби
Од свила и со срма навезени
Ниту пак ќе носам кадифе на снагава
Која ќе ми го покрие срцето
Оти налет облеката
Ако под неа човек не останал
Со кој ќе можеш да се смееш и плачеш
Ништо мене не ми треба
Барем не она што со алтани ќе го платиш
Или во дуќан ќе го најдеш
Не ми треба ништо што е во светликава хартија
Сето со машни и срциња без значење
Оти хартијата се фрла в ѓубре
И машните се зашуткуваат некаде
Она што ми треба
И она што го сакам
Не се купува
Ниту некаде се продава
Не можеш да го порачаш од странска земја
Или да ме носиш за да си одберам
Оти душава друго си бара
И срцето друго си сака
Ете
Еден збор полн нежност
И поглед полн љубов
Стисок за рака во кој ќе те сетам
И бакнеж за одовде до вечноста да трае
Ете тоа сакам
И само тоа ми треба
Навидум малку...а најтешко за давање
Навидум многу...а најлесно за подарување
За оној кој љубов во себе има
За оној кој љубов ќе ми биде
За оној кој љубовта во мене ќе ја најде
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска