Ана Бунтеска: Сѐ што си ветивме

Добивај вести на Viber

уметница - Анжелика Колева

Ми вети

Ми вети вечност

Во која имињата ќе ни се прпелкаат

Дур не стане кованица

Која ќе е љубов

Испишана на секоја страница

Во книгата на нашите животи

Ми вети

Со сладок збор ми вети дека тука ќе си

И тогаш кога патиштата ќе ни се одвојат

Како две реки кои свој тек имаат

А сепак во истото море ќе се слеат

И водата ќе им се измеша

Како нашите сокови дур се сакавме

Ми вети 

Ми вети дека заборавот ќе е збор

Кој нема да постои во ниту еден речник

Дека дрско ќе го избришеме

Како никогаш да не постоел 

За ниту спомен на него да има

Од кој коските од страв ќе ни вијат

Ми вети

Ми вети слобода во која ќе дишам

И од која ти ќе се надишиш

Како на времето кога во косава здив земаше

За да ти трае дур од мене си одеше

За да преживееш до следниот миг

Кога кај мене ќе се вратеше

Ми вети

Ми вети куќа во планина

Од која дом ќе ти сторев

И дечиња кои низ одаи ќе трчкаат

Дрвена лулашка на која стихови ќе пишував

Како аманет за чедата наши

Да ни ги паметат думите

Ми вети

Еден цел живот покрај тебе ми вети

Откако во овој ќе чекав да ми дојдеш

И рака в рака да остариме

Та коските на исто место ќе ни ги закопаа

На место на кое ветрец ќе дуваше

И мирисот на нашите соништа ќе го ширеше

Ми вети

Толку многу работи ми вети

Иако и во песна те молев

Да не ми ветуваш љубов која вечна ќе е

Оти на овој свет се’ што ветено било

Заминало во спомени кои не се враќаат

Кои времето ги проголтало и во пепел ги сторило

Ти ветив

Ти ветив дека ќе те чекам

Дека ќе успеам да те дочувам

Со сета младост во староста што доаѓа

И дека погача за добредојде ќе измесам

И чаша вода изворска ќе ти подадам

Кога по патот до нашиот дом како доаѓаш ќе те здогледам

Ми вети

Ти ветив

Си ветивме нешто што знаевме дека не ќе го дочекаме

И ништо еден за друг не направивме

Ниту ти дојде

Ниту јас пред порти седев

Од сите ветувања само прашина остана

Во која патот еден до друг го заборавивме


За Женски Магазин, Ана Бунтеска