Ана Бунтеска: Седиме еден наспроти друг
Седиме еден
наспроти друг
Навидум тивки и кротки
Во тишина која е погласна
Од сите мои неискажани зборови
И твоите несторени дела
Седиме еден наспроти друг
Облечени во облека исткаена од тага
Која ја затскриваме со живи бои
Кои неприродно светат меѓу нас
И од кои и обајцата очите нѐ болат
Седиме еден наспроти друг
На маса на која има три столчиња
И три чинии полни храна
Шише вино и три чаши наместени
Токму онака како што треба за да личи трпезата
Седиме еден наспроти друг
Ти и јас
И сенката на онаа која ќе ме замени
Или на која ќе и’ го препуштам моето место
Со чудна мешавина на болка и олеснување
Седиме еден наспроти друг
И зад мене го слушам часовникот
Кој ме потсетува дека ми истекува времето
И дека треба да станам и да заминам
Без сцени и преголема драма
Седите еден наспроти друг
Додека стојам отстрана и ве гледам
Како и секоја дама столчето си го тргнав
И со себе си ги зедов чинијата и чашата
За да не бидат одвишок за новата љубов
Ве оставам да седите еден наспроти друг
И смеата ви ја слушам додека грбот го вртам
И полека излегувам од собата
Која едно време ја нарекував дом
А сега е само една обична и досадна соба
Седам наспроти мојот одраз во огледалото
И во него ја гледам жената која ја знам
Ама која не сум сигурна дека ја познавам
Та си мислам оти добро е токму вака како што е
Оти никојпат доцна не е за љубов со себеси
Седиме далеку еден од друг
Толку далеку што не ни знаеме дека сме лице в лице
А меѓу нас универзуми врват
Поделени на мои и твои
А во ниту еден од нив место за другиот нема
Никогаш досега седењето сама не ми било поубаво
Наспроти мене има голема вода
Која во една точка се спојува со небото
И во неа сето мое постоење го најдов
И љубов...љубов
колку за сиот свет
За Женски Магазин, Ана Бунтеска