Ана Бунтеска: Сега е сé поинаку

Добивај вести на Viber

Сега е сé поинаку

И ништо повеќе исто не е

Како меѓу нас да стои вода

Голема вода која не се препливува

Оти ниту почеток има

Ниту крајот и’ се гледа

Густа како масло со жолтеникава боја

И треви во кои нозете ни се заплеткуваат

Сега е сé поинаку

Се гледаме а не можеме да се видиме

Се слушаме а никако да се чуеме

Како ѕид кренат меѓу два света

Од тежок бетон направен

Та ниту можеш да го срушиш

Ниту можам ѕирка-проѕирка да стокмам

За барем надежта како ветар да провее меѓу нас

Сега е сé поинаку

Со студен воздух околу нас

Од кој коските ни ѕемнат

Крцкаат како греди на стара куќа

И кожата намовната ни е

Ама овојпат не од страст

Овојпат не од љубов

Ами од страв, од пусти страв

Сега е сé поинаку

Го лепиш телото до моето

А ни ти ни јас топлина немаме

Ја пикаш главата до мојата

Како да ќе ми ги слушнеш мислите

Од кои ниедна веќе за тебе не е

И раката на срце ми ја ставаш

Иако повеќе не чука за тебе

Сега е сé поинаку

Како двајца странци кои се одминале

И кои веднаш еден на друг забораваат

Та само во некои чудни мигови

Се присетуваме еден на друг

Колку да ни мемлосаат спомените

Во кои се криеме како во пештера

Од која одамна не сме излегле

Сега е сé поинаку

Јас сум некоја од твоите соништа

Ти стана некој од моите мечти

И никако да ни се сретнат душите

Дури ни кога заспиваме

Или барем кога се преправаме дека сониме

За да не скршиме ни збор еден со друг

Во кој ќе нема обвинувања и тага

Сега е сé поинаку

Толку многу е поинаку

Што дури и да сакаме

Ништо нема да смениме

Ништо веќе не знаеме како да спасиме

Поинаку е...

Секогаш е сé поинаку

Кога љубовта нов дом си наоѓа