Ана Бунтеска: секој во својот круг од пеколот
Некогаш ми доаѓа да те побарам
тивко и кротко да те повикам
со шепот „остани“ да ти кажам
да седнам карши тебе
со нозете свиткани
и брадата потпрена на колена
да молчам и да не дишам дури
а во мислите
ех
во нив накај тебе трчам
како дете
како жена љубена
и во тебе се пикам
со нозе те обвиткувам
здивот твој во порите го собирам
и како давеник те вдишувам
со рацете лицето ти го допирам
во себе те внесувам
цртаме со воздишки по ѕидови
и не се одвојуваме
семето твое во мене врие
те гледам
ме гледаш
со љубов
со милост
со немоќ
со грев
се гриземе и се гребеме
врескаме и плачеме
се сакаме и се мачиме
од љубов проклета се повредуваме
ниту со неа
ниту без неа нѐ бива
секој во својот круг од пеколот
одомаќени
дури и да се смееме научивме
од немајкаде
од болка и жал
ех
еве ме кај што седам
со нозете свиткани
и брадата на колена потпрена
сама
и гледам во ѕидот
празен и бел
како мисливе
како душава што ми зјае
ниту те барам
ниту „остани“ ќе ти кажам
на срцево уште една рака боја ќе ставам
да покрие
да обели
да ти минам
да ми минеш
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски