Ана Бунтеска: Сенката како ноќница да си ја облечам
Ете, како ветрот надвор што дува,
така душава провев ми фаќа,
па посакувам дрвени врати на неа да имам,
да ги затворам, катанец да им ставам,
да стивне фучењето, да не се поболам,
да ми оглуват сите болки и стравови.
Ете, како дождот надвор што лие,
така во срцево ми прокиснува,
па посакувам чадор врз него да отворам,
еден од оние старинските, црни и големи,
да не ми врне, да не ми студи,
да ми се исушат солзиве, пред во нив да се удавам.
Ете, како што надвор месечината силно свети,
така во главава мислите за тебе ми горат,
па посакувам да се кандило,
воздух длабоко да земам и силно да дувнам,
да не те мислам, да може сон да ме фати,
небаре од сонот ќе можам да те избркам.
Ете, како што надвор улиците мирисаат на живот,
така во утробава на зелено ми мириса,
па посакувам да земам четче и палета со бои,
се’ да обојам без ред, мешаница од бои да направам,
да се изгуби мирисот што во минат живот ме враќа,
онаму каде што знам дека местото ми е.
Ете, како што надвор полека свеќи на небото се палат,
така вечерва низ прстите страста ми гори,
па посакувам, со сиот страв, тука, до мене да си,
молкум стих да ти дарам, еве и цела песна за тебе нека е,
за да можам да се простам, на раат збогум да ти кажам,
од себе тебе да те тргнам, а од тебе мојава сенка.
Ете, како што ноќва ми трепери снагата,
така ми трепери запретаната љубов во клеткиве,
па посакувам чудо да се случи, нешто...било што,
да ги прелетам овие копнежи што во коски ми вијат,
мирот во тишината повторно да си го најдам,
на себе да се вратам, сенката како ноќница да си ја облечам,
со телово да ја спојам, во заборав да ја запретам и така, кротко да заспијам.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска