Ана Бунтеска: Си беше еден народ

Добивај вести на Viber

Си беше еден народ

Мал, а во душата голем

Иако некојпат терсене

Иако некојпат чуден

Та сам на себе очи си вадеше

И горчина збираше чиниш подарок е

Тука и таму сам сопки си клаваше

Како доволно да не крвареше

Си беше еден народ

Колку покроток

Толку повеќе камшикуван

Од свои и туѓи си страдаше

Иако од своите појќе го болеше

Оти на секоја верба дадена

И судба во раце на своите кога оставаше

Раната подлабока в срце му беше

Си беше еден народ

Кој со песна и ора растеше

За молк после да го обземе

И црно небо над глава му висна

Како дамнешно проклетство проречено

За дерман да нема од птици грабливки

И од алчни раце кои се' му разграбаа

Дури и она што најсвето му беше

Си беше еден народ

Кој сепак остана да вирее

Дури и тогаш откако сите го изгазија

Кој сепак знае

Како повторно глава да крене

И поглед во сонце да впери

Кој на сета мака знае

Кога треба како едно да се стори

За да истрае

Рака да даде

И милозлив да биде

Оти само мојот народ знае како е долу

За повторно угоре да се вивне

Горд и свој...мојот народ

Мојот убав народ

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска