Ана Бунтеска: Си ги спастривме животите

Добивај вести на Viber

Си ги спастривме животите

Како фотографија која ни е драга

Во рамка од ореово дрво

Стокмена со стакло озгора

Од која болскотат насмеани лица

Од кое ниту едно е наше

Си ги спастривме животите

Или барем така го викаме

Она што си го дадовме за живеење

Без да си ги удираме главите од ѕидот

Без да се сомневаме дали згрешивме

Оти реалноста може да не’ убие

Си ги спастривме животите

Во кутивче кое дом го нарековме

Без да ни мириса на топлина

И без меко на срцата да ни е

Та провевот ни ги изеде коските

Кои ни вијат од бол кој реума не е

Си ги спастривме животите

Накитени со алтани и срма

Под кои шупливо е

И се тешиме оти никому нема да му текне

Да загреби по површината

И под неа да открие самотија

Си ги спастривме животите

И живееме во луксуз од кој ни се блуе

Мебел покриен со најлони

Теписи кои се неодвиткани

Слики кои не висат по ѕидови

И кревет кој секогаш е студен

Си ги спастривме животите

Заеднички, а далеку еден од друг

Стуткани во мислите кои не’ јадат

И неколку светови разделени

Та се бркаме низ одаи

Со надеж оти не ќе се најдеме

Си ги спастривме животите

И сложно живееме несреќни

Демек и во добро и зло

Иако доброто веќе не го паметиме

А злото ни е како “добро утро”

Со кое по навика ги поздравуваме соседите

Си ги спастривме животите

Во еден град кој празен е

И во кој младоста ни се изгубила

Некаде помеѓу вчера и утре исчезнала

Та ги џвакаме годините

Кои залудно ни поминуваат 

Полека како сочен залак

Кој знаеме дека ако го голтнеме

В грло ќе ни застане

Дур се лажеме

Дур упорно се тераме да веруваме

Оти арно вака ни е

Со животи кои се се’, само спастрени не се

За Женски магазин, Ана Бунтеска