Ана Бунтеска: Сите мои соништа на темјан мирисаат
Ми мирисаше на темјан,
сиот мој сон на темјан мирисаше,
а јас еве вака, свесно,
не можам да се сетам на тој мирис,
не сум верник, по цркви не одам,
ама во сонот знаев, едноставно знаев,
дека е тоа мирис на темјан и свеќи.
Кого или што закопував тогаш, таа ноќ,
која по ништо не се разликуваше од останатите?!,
ништо посебно не се имаше случено,
ниту тажна бев, ниту бол имав во себе,
ниту пак денот ми беше тежок,
сосем спротивно, беше мирно,
толку мирно што дури и ме замисли.
Се разбудив утрото со мирис на свеќи и темјан во умот,
со згрчени прсти и препотени дланки,
сува уста, како сите сокови да ми се исцедиле попатно,
со чуден страв од претчувството дека нешто ќе се случи,
оти мирисите во мене најдолго остануваат,
најдолго радуваат и со векови болат,
небаре други сетила немам, небаре умрени ми се.
Низ денот знаците ги барав, оние кои ќе ми кажат,
оние кои ќе ме насочат зошто токму тој мирис,
зошто токму таа ноќ, зошто токму мене,
а денот како за инает си врвеше полека и спокојно,
како да се подигруваше со мене,
некако дури и како намерно да беше досаден,
измачувајќи ме, ставајќи ме на мисла.
И ете затоа решив да ги земам работите во свои раце,
да убијам нешто, да си ги скратам маките од исчекувањето,
да не му ја мислам многу-многу,
па како една мошне самосвесна жена (!),
исценирав убиство на нешто, не на некој-да се разбереме,
за да го истерам од главата мирисот на смрт кој ме прогонува,
да го заменам со друг, со некој во кој ќе можам да уживам.
Да, го убив чувството кое ме мачи најмногу,
ете, љубовта ја убив,
оти таа ми создаваше најмногу бол,
нејзе ја уништив во себе, ја исфрлив како несакан плод,
и мислев раат ќе сум,
мислев дека успеав да ја надмудрам смртта,
демек своеволно ќе и’ принесам жртва, ќе ја измамам.
Итра е смртта, многу поитра од една жена која љубовта во себе ја уби,
та не прифаќа дарови која самата не ги побарала,
а мојот бадијала беше,
оти сега, сега се плашам да легнам,
очите да ги затворам и да заспијам ми е страв,
зошто од моментот кога љубовта во себе ја убив,
сите мои соништа на темјан мирисаат.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска