Ана Бунтеска: Сите животи во еден – овој собрани
Ме болиш
меѓу матката и срцево ми шеташ
таму некаде
со лебедов пердув ми гребеш
нежно
како да ме скокоткаш
сосем нежно и полека
тамам за да ми прокрвави утробата
а болката да ја голтнам
ликот да го замрзнам
во полунасмев да го оставам
дур однатре од вресок
коските ми напукнуваат
а однадвор ништо не се гледа
освен зелените стакла
кои бојата ја менуваат
од проѕирна до темнозелена
скоро црна
како душава.
Ме болиш
во умов со сврдел ми дупчиш
длабиш
и себе во мене се врежуваш
прецизно
со лесна рака
како да си го правел тоа многупати досега
скоро и да не боли
скоро ништо да не чувствувам
дур вените на слепоочниците ми набабруваат
како да ќе ми прснат мислите
надвор како џамлии ќе се истурат
илјадници шарени стакленца на дождот
кои во дланкава ќе ги соберам
а во нив одраз од сите твои црно-бели мечти
заробени со еден клик
во твојот и мојот ум.
Ме болиш
не само во овој живот
ме болиш веќе животи наназад
во оваа душа собрани и наредени
како книги во библиотека стиснати
правливи
со страници залепени
со мирис на бакнежи во вино натопени.
Сите животи во еден – овој собрани
со топлина од твоето тело врз моето
и здивот што со векови во косава ти почива
со дланки како создадени за моите облини
во кои сите неисплакани солзи ќе ги собере
која на градиве се сместува и таму останува.
Ме болиш
од убост
од милост... ме болиш
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска