Ана Бунтеска: Со обувки како окови на стапалата

Добивај вести на Viber

како во чевли неколку броја помали

со железни потпетици

па се сопнуваш и тетеравиш

ама од нозете не ги вадиш

и си велиш дека со годините поарно ќе е

дека ќе свикнеш

дека ете

сите одат така

со обувки како окови на стапалата

и чекор напред ќе направиш

а за еден цел живот назад ќе се вратиш

ама не сопираш

оти ако сопреш нема веќе каде

нема да можеш ниту чекор повеќе да изодиш

и затоа нозете ти крварат

во железни пранги

од сопствени стравови исковани

од немоќта

мирисот на смртта

далечна нишка на надеж

и чекориш

како дете кога проодува

на кревките ноџиња

како млада мома

која ќе обуе првпат високи потпетици

како жена пред породување

која едвај товарот во себе го носи

како оставена љубовница

скршена од бол

како старица

навјасана од годините и уморот

и не сопираш

никако не застануваш

колку и нозете да ти крварат

тесните чевли не ги собуваш

оти тие се

едни ти се

твои

оти други немаш

оти дури и таа тежина

во одот што ја носиш

си Ти



За Женски Магазин, Ана Бунтеска