Ана Бунтеска: Со треперливи раце лицата ќе си ги милуваме

Добивај вести на Viber

сеќавај се

како трчавме мали дур бевме

со гради полни слобода и мир

и ветар во косите

како подзамижувавме

дур во сонцето гледавме

со смеа и прашања дали навистина

од предолго гледање ќе ослепиме

сеќавај се

како светот мал ни беше

а ние големи со своите идеали

во умовите безбедно сместени

како најлошото го земавме

и во убавини го топевме

за со него срцата да си ги премачкаме

и во спокој навечер да си легнеме

сеќавај се

како слободно љубевме

без страв душите си ги галевме

со светлина телата си ги одмивавме

и потем долго се милувавме

како болестите со бакнежи си ги лекувавме

и сиот бол така го исцелувавме

како да знаевме дека долго не ќе траеме

сеќавај се

како секој својот пат го изоде

колку далеку еден од друг заминавме

со срца оладени и вжештени јазици

од зборови и гревови изнакажани

како натежна тишината

и светот сега голем ни е

оти во него не се најдовме

сеќавај се

на себе дур со мене беше

и на мене дур покрај тебе спиев

на нашите испреплетени прсти

и срцата во јазол заплеткани

на мојата топлина и стаклени очи

на твојата воздишка на вратов жигосана

на она што можевме а никогаш не станавме

сеќавај се

кога ќе си доволно стар за простување

кога ќе сум побелена и уморна од се’

ете тогаш повторно еден на друг ќе се вратиме

и без горчина ќе си поприкажеме

со треперливи раце лицата ќе си ги милуваме

и на сите болки ќе заборавиме

пред од овој свет да си заминеме

сеќавај се

деца кога бевме

кога се љубевме

а смеата во уши ни ѕвонеше

и еден во друг се огледувавме

кога јас бев ти

а ти моето јас стана

на нас...на нас сеќавај се

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска