Ана Бунтеска: Сонувам возови

Добивај вести на Viber

Сонувам возови

кои никаде не одат

птици кои не летаат

деца кои се неродени

јалови матки

заболени утроби

облаци без дожд

очи без зеници

луѓе облечени во страв

со подвиени усни

и мисли испишани на челата.

Сонувам замрзнати слики

ветар без мирис на море

море без сол

солзи без течност

насмевки од кловновски усни

затапени сетила

бајати бакнежи

изгризани образи

од страв, од срам

млечно бели гради

и црнила наместо подој.

Сонувам минати времиња

насмеани зборови

растреперени прсти

писма полни здивови

здивови полни шепоти

шепоти исткаени од месечев прав

кога проклетата е полна

и во лице се смее

а од неа со магија дланките сити се

за да се вдише

и градите со сон да се полнат.

Сонувам често

некогаш тебе

некогаш себе

никогаш себе до тебе

ниту тебе со мене.

Те сонувам сам и тажен

а себе со раце полни ноти

тебе глув и слеп

себе нема и безбојна

сонувам како се разминуваме дур сенките ни умираат

во црно-бело... црно-бело.

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска