Ана Бунтеска: Среќа е, убост е
Во окото среќа да имаш
Не мора никој да те знае
Ниту да расправаш оти убо ти е
Доволно е душата спокој да ти има
А срцето песна да ти пее
Без никој да те сети
На усните насмев да имаш
И ич да не се саклдисуваш
Ако мислат оти шутрак си
Кога по улица се смешкаш
Гледај си патот и раатот
Чунки никој во твоите чевли не е
Во рацете грст цвеќе да си носиш
Од мисли убај и кротки
Та секому по еден цвет дај
Без само за себе да ги чуваш
Оти само тие цветови
Никојпат не се арчат џабе
Во мислата белина распостели
Како кревет голем и широк
Во кој млада невеста ќе легни
За љубовна ноќ да мине со саканиот
И со секоја мисла по една арнина нека оди
Оти така и за себе ќе имаш
Во утробата да не чуваш гнев
Кој однатре ќе те јаде
Дур коски од тебе не ќе останат
Оти лутината голема беља ќе стори
Ако од себе не ја извадиш
Ако џенем не ја испратиш
Со секој здив вдиши љубов
Оти на крајот од денот
Само таа вреди за паметење
И се’ од неа почнува
Исто како што се’ со неа завршува
Оти од љубов создадени сме
Секој ден нека ти е почеток
За да сториш нешто што вреди
Не со пари и не со накит скап
Оти поголемо азно нема
Од чоек со душа широка
Како небо на кое сите не’ збира
Среќа е кога даваш
И кога не клаваш на кантар колку земаш
Или колку тебе ти дале
Оти мери и премерувај
Секојпат зијан ќе бидиш
На кантарот кој в душа ти е
Среќа е...
Кога жив си
Кога љубиш
Кога си свој
Кога убост во себе носиш
За Женски магазин, Ана Бунтеска