Ана Бунтеска: Стани

Добивај вести на Viber

Стани

Исправи се

Крени ја главата угоре

Колку и душата удолу да ти е кинисана

Првиот чекор е најтежок

Како дете кое заучува да оди

А потем

Потем терај си го патот

И не застанувај пред никого и ништо

Оти секое застанување е итроштина

Која уморен и безволен те прави

Стани чоек

Стани и исправи се

Доста в земја гледаш

Броејќи уште колку до умирачка имаш

Стори нешто со денот кој осамнал

Кажи убав збор некому

Подари цвет на жената која продава цвеќе

А никојпат не се израдувала на свое

Насади дрво за да остане

Сенка да дава на оние кои по тебе ќе дојдат

Скржавец за насмевки не биди

Ниту да броиш колку убости си сторил

Стани

Остави ја ноќта зад себе

Вдиши го она што допрва ти доаѓа

Погледни си ја душата однатре

За да видиш како однадвор те гледаат

Научи да им се радуваш на ситните нешта

Оти големи работи ако бараш

Не ќе знаеш колку радост носи вљубен поглед

Исправи се

Плеќите свиткани да не ти бидат

Фрли го товарот на грижите од смртта

Таа и онака ќе си дојде кога време ќе и’ биде

Мирисај ја тревата тазе искосена

И окото со небо наполни го

Срцето со песна напој го

Чиниш јата птици во тебе живеат

Стани

Исправи се

Има за што да се бориш

И зошто на овој век си фрлен

Та најди си го кандилцето во себе

И запали го со љубов

Да грее

Да живее

Да ти ја надживее тагата и болката

И топлината од него и чедата да ти ги грее

Само збери сила

Да исправиш снага

Очи да отвориш за другите

И да заушиш кога некој мака носи во себе

Рака да подајш и со милост да погалиш

Ете тогаш ќе знаеш

Оти чоек си

Оти чоек ќе остани

За Женски Магазин, Ана Бунтеска