Ана Бунтеска: СТОП
Сиво утро,
мирисот на влажен асфалт ме стега во градите,
дождовни капки ми спијат на бледите образи,
изгризани ми се усните,
премачкани со сјај од јагода,
напукнати од студ,
треперливи.
стоп!
Љубовен ритам ми трешти во главава,
твојот здив ми ги топи воздишките,
ме зграпчуваш за коса,
се нурнуваш во мене,
ми оставаш загриз на рамото
и топлина во душата.
стоп!
“Малата Ана седи и плaче”,
ми одзвонува во ушите,
кошмари во мојата постела,
се будам со срцебиење и солзи
со кои го закопувам минатото,
се сонив како дете,
црно-бело.
стоп!
Пушиш цигара,
догорува свеќа со мирис на цимет,
го губам твојот лик во чадот,
стојам гола пред тебе,
без срам од себе,
гледај ме,
не, види ме.
стоп!
Возови,
трева, густи облаци на дождливо небо,
мирис на стара куќа и мемливи ѕидови,
крцкав под,
мојот одраз во скршено огледало,
вода и летање,
празен град во моите соништа.
стоп!
Нарачавте будење?!
“Не, благодарам,
се разбудив од сопствениот врисок”
велам сериозно,
додека ме болат капките студена пот,
кои по телово оставаат лузни,
длабоки колку една почината љубов.
стоп!
Ме влечеш кон себе без да ми се приближиш,
тонам без отпор, се препуштам,
мирисаш на дамнешна желба,
имаш вкус на црно вино,
гласот ти е рапав од потисната страст,
допри ме, стопли ме, гали ме, сакај ме,
продираш во мене во совршена тишина,
додека заглушувачки се руши мојата осаменост.
СТОП!!!
За Женски Магазин, Ана Бунтеска