Ана Бунтеска: Судба
Сите и’ се плашиме
Што ќе ни донесе
А потем и што ќе ни однесе
Што ќе ни остави за радост
Што ќе ни земе за тага
Та некојпат се пазариме со неа
Ветувајќи сѐ и сешто
Како да можеме и нејзе да ја прелажеме
Онака како што себеси се лажеме
Сите и’ се плашиме
Оти пустата непредвидлива е
Та знае наеднаш насмевка да ни извади
Или солза крадешкум да исцеди
Знае да е милозлива како мајчина рака
И груба како збор од душман
Па не знаеш крајот да и’ го фатиш
Ниту почетокот да и’ го најдеш
Оти ниту се води, ниту се тера
Сите и’ се плашиме
И старо и младо од неа уплав имаме
Оти таа како што знае живот да загорчи
Пелинот дури и благ ќе ти се види
Ама и како што знае живот да ти засвети
Алтанот бојата покрај неа ја губи
Ама па не секогаш човек спремен е
Да ги трпи сите нејзини табиети
Оти умор фаќа, голем умор од страв фаќа
Сите и’ се плашиме
Најповеќе оти крајот и’ го знаеме
Та имал ваков или онаков пат
Во една точка сѐ завршува
И сите на исто место заминуваме
Некој метар под земјата
Која до вчера гордо сме ја газеле
И со душите на небо заминати
Кое до вчера со око сме го гледале
Сите
И секој од нас страв од судба и смрт има
Иако некојпат животот знае пострашен да биде
И често ги колнеме
Судбата за она што ќе ни принесе
Смртта оти со себе ќе нѐ однесе
Та секогаш забораваме
Оти секој човек судба има
Која мора да си ја изврви
Оти таков к’сметот му бил
И час има кога ќе си замини
Оти за секој еден ден
Часовникот за навек застанува
Оти колку и да ја мразиме
Смртта сепак сите нѐ љуби...подеднакво.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска