Ана Бунтеска: Тешко е
Тешко е да се издигнеш
Над сите кои зло ти нанеле
И кои збор поган ти кажале
Та со него душа ти сосекле
И лузна ти оставиле
Тешко е да пораснеш
Та кусур никому да не фаќаш
И на кантар да не мериш
Само во себе да се насмееш
И патот да си го тераш
Тешко е голем чоек да станеш
И од своето да не се откажеш
Низ вода клетва да пуштиш
И благослов да стокмиш
Токму за тие кои на срце ти стапнале
Тешко е да заборавиш неправда
И да запаметиш добрина
Оти секој ќе заборави арнина
И ќе запамети што го здоболило
Чунки така сме скроени
Тешко е прошка да дадеш
И уште потешко да ја побараш
А нема некој што не згрешил
Или кому згрешено не му било
Оти луѓе сме, грешни сме
Тешко е
Пустото многу е тешко
Во овој свет свој да си
И уште потешко е свој да останеш
На секој чекор сопка
И тежина од гревови
Дел туѓи а дел свои си носиш
Та на грб ти тежи животот
А накај смртта не ти се кинисува
Ама ете
На сета мака пак убост ќе видиш
И на слични на себе ќе налеташ
И очи ќе ти светнат
Сиот смет од умот ќе ти се исчисти
И ти мириса на спокој
И си велиш ако, тешко нека е
Оти во сета тежина со која живееш
Сепак се издигнуваш
И растеш
Та голем чоек стануваш
И во мир си со себе
И со тие околу тебе
Чунки нема леснотија
Без тежината која ќе ја сетиш
И која од плеќи ќе ја симнеш
Како торба полна камења
Како љубов невозвратена
И се’ зад себе оставаш
За памет, да знаеш како треба
И некогаш како не треба
Оти тешко е, многу е тешко
Од тежина до леснотија да стасаш
За Женски Магазин, Ана Бунтеска