Ана Бунтеска: Ти никогаш нема да знаеш

Добивај вести на Viber

Ти никогаш нема да знаеш колку ме боли секој збор,

оти кај тебе ќе дојдам со насмевка на усни,

малку поткршена, искривена кај ќошињата,

насмевка која ќе ми отсуствува од очите.

Ти никогаш нема да знаеш дека крв плукам дур темнина од себе вадам,

дека ми крвари сета утроба, низ порите пелин ми излегува,

јазикот си го касам за да мине малку овој ураган внатре,

дека со карминот раните на усниве си ги покривам.

Ти никогаш нема да знаеш дека секој ден со страв го почнувам,

а немирот што во себе го носам жежи како пекол,

како пекол во душава да ми врие и зоврива,

дека секој ден со страв за себе го завршувам.

Ти никогаш нема да знаеш дека зад мојот молк, врисоци вреват,

дека се’ што ме боли во себе погребувам,

а љубовта што низ вениве ми дивее,

еден ден телово на парчиња ќе ми го разнесе.

Ти никогаш нема да знаеш колку ноќи имам пробдеано,

колку сенката од светлина си ја имам чувано,

дека доволен е само зрак надеж за да вивне се’ од мене,

да ме вознесе и со својата сила да ме убие.

Ти никогаш нема да знаеш дека можев се’ да ти бидам,

светица и грешница, љубовница и мајка,

ангел и демон, црно и бело,

спокој и немир, топлина и дом.

Ти никогаш нема да знаеш за сите мои бои и мириси,

за срцево што приказни знае да раскажува,

за дланкиве што кога галат, душава преку нив чиниш се подава,

но ти никогаш, никогаш нема да знаеш.



За Женски Магазин, Ана Бунтеска