Ана Бунтеска: Тогаш...

Добивај вести на Viber

Кога ќе пресуши морето

Кога од солта замок ќе изградам

Кога во него соба-зандана ќе си стокмам

Кога во неа коскиве ќе ми останат

Кога по мене веќе солза ќе нема

Кога на небото ниту облак ќе спие

Кога ниту птица пој ќе има

Кога бојата на сонцето ќе истече

Кога виножитото еднобојно ќе е

Кога смртта ќе почнува пред животот

Кога животот нема да се слави

Кога во љубовта смеа ќе снема

Кога смеата во тишина ќе се завие

Кога тишината ќе оглуви од бол

Кога болката ќе нè одмине

Кога времето ќе замрзне

Кога часовниците ќе сопрат

Кога стрелките ќе почнат наназад да се вртат

Кога песокот нема низ прсти да тече

Кога рибите спротиводно ќе пливаат

Кога од каменот крв ќе искапи

Кога крвта наместо вода ќе е

Кога водата кон изворот ќе се враќа

Кога изворот ќе пресуши како во пустина

Кога пустината мраз ќе се стори

Кога мразот телото ќе го грее

Кога телото ќе престане душа да носи

Кога душата нема да љуби

Кога љубовта ќе крене бело знаме

Кога ќе ја закопаме надежта

Кога желбата ќе изгние

Кога вербата ќе изгине

Кога ноќта и денот места ќе си сменат

Кога ѕвезди од утро ќе светат

Кога месечината до сонцето ќе стои

Кога сè ќе сопре во еден миг

Кога мигот векови ќе биде

Кога во векот 100 години нема да берат

Кога сè ќе се запусти

Кога срцево нема повеќе да чука

Тогаш...само тогаш

Ете тогаш ќе престанам да те љубам


За Женски магазин, Ана Бунтеска