Ана Бунтеска: Убоста на жената
Убоста не е во младоста
Туку да знаеш да ја живееш
Да не ти остари душата предвреме
Та да се збрчкаш сета однатре
Ко фустан летен в куфер заборавен
Убоста не е во рубата
Туку да знаеш како да ја носиш
Чекорот лесен да ти биде
И снагата исправена ко ластегарка
Та она во тебе однадвор да се гледа
Убоста не е во црвилото на лицето
Туку во сјајот окото што ти го има
И кожата да ти цути ко најубав цвет
Оти среќата на ликот се познава
Та на него имала само насмевка
Убоста драга моја не е во парата
И во твојата покорност од неа
Туку да имаш слобода во умот
И да бидеш богата во срцето
Оти ниту еден алтан колку љубов не вреди
Убоста не е во накитот кој те краси
Туку мислата каква ти е
Та дали бел бисер на вратот имаш
Сеедно е ако премногу стиска
Оти нема поубав накит од милоста на зборот
Убоста мила моја
Убоста не е да имаш за да бидеш видена
И завидливи погледи да впиваш
Оти ниту еден човек за другите не смее да живее
Ниту за нивната дума за себе
Убоста не е само да ја покажеш надворешноста
Оти убави жени има секаде
И секоја во себе магија носи
Ами само жена која живот во себе носи
Благословена со спокој е
Убоста не е во скапите чанти
Ниту во парфемите кои гушат
Ниту пак во очилата кои име скапо носат
Ниту во облеката душо моја
Ниту во автомобилот во кој едвај се снаоѓаш
Ами убоста во тебе лежи
Во моќта која ко жена ја имаш
Своја да бидеш
Без да се заборавиш
И за грст златници се продадеш
Оти нема жена која убост во себе носи
А е ко птица во кафез затворена
И со евтини воздишки прекриена
Со лаги хранета
И со чемер поена
Убоста на една жена е во силата да одбере
Она што навистина сака и љуби да стане
Без да се тера биде некоја друга
Која е по теркот на сите околу
Убоста на една жена е во нејзиното ДА-од душа извадено
И на нејзиното НЕ-кое е цврсто ко карпа
Во нејзиното САКАМ
И непоколебливото НЕ САКАМ
Оти жена е убава само тогаш
Кога секогаш на себе си припаѓа
Колку и да се дала некому
Колку и да љуби
Колку љубена да е или за љубов да страда