Ана Бунтеска: Угоре кон небото
Ми го поземаш срцето
онака нежно
како тивок ветар напролет,
знаеш,
како кога не си сигурен дали навистина воздухот се движи
или само од среќа градите ти се шират забрзано.
Ми го поземаш срцето
тивко
потпевнувајќи му приспивна
во него со прстот дом вдлабуваш
а во домот семе засадуваш
и со галеж повторно го израмнуваш
демек исто ќе е
демек не ќе никне од него дрво
со корења во кои на секоја нота
по една буква грчевито ќе се држи
та стиснати како да танцуваат
угоре кон небото вишат
и стебло од нив излегува
сето мазно
како песна од која повторно песна се раѓа
и кон небото
но овој пат без назад
дотаму нашето дрво заминува
стројно како мома убава
и силно како оној за кого таксана била.
А најгоре
таму, меѓу облаците колепка со дете дробно
наполу музика
наполу зборој
та во твојот ритам моите мастилави букви танцуваат.
Таму горе
онаму каде што само срцето
во кое семе на вечност е засадено
може дрво да искрепи
со корени посилни од папочна врвца која живот крепи
од љубов... од љубов
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска