Aна Бунтеска: Украсување

Добивај вести на Viber

Го украсивме домот низ годиниве

Луксузно и со доза на прекумерност

Која се преправаме дека не ја гледаме

И ги преполнивме сите ќошиња

Со мебел кој не е за лежење заедно

И чии агли ми оставаат модринки

Маса под која нема ништо освен далечинско

За она чудовиште од телевизор

На кој веќе не пуштаме љубовни филмови

Го украсивме домот како по часопис

Кој ветуваше дека со купената покуќнина

Ќе си купиме и парче среќа

Слики по ѕидовите кои ја стеснија собата

Тежок лустер полн стакленца

Кој не ни ја осветли радоста

Иако свети толку силно што оќоревме

Го украсивме она што дом го нарековме

Иако името погрешно му го одбравме

А и наше презиме не му дадовме

Како да немаме гнездо свиено

Без имиња наши на влезната врата

Која е масивна и многу, многу модерна

А на кваката има отпечатоци од нашите прсти

Само тогаш кога пуштаме дел по дел од нашите сништа

Да си заминат без збогум да им кажеме

Го украсивме просторот

Во кој успеавме еден со друг да се изгубиме

Небаре во дворец живееме

Та не можеме барем в ходник да се сретнеме

Ама ете

Кога јас доаѓам по тебе

Ти веќе ја затвораш вратата зад себе

А кога ти посегнуваш по мене

Јас се’ уште дома не сум вратена

И си седиме на троседот

Јас со твојата сенка до мене

Ти со мислата за мене до себе

И од сите страни чувствуваме 

Како се’ помалку воздух имаме

И како риби на суво се мачиме

Оти дом не е она што во него ќе ставиш

Ниту она што од него ќе фрлиш

Оти паметам времиња

Кои и толку далечни не се 

А во кои дом твојата прегратка ми беше

Времиња во кои имаше смеа наместо тишина

И воздишки наместо викотници

Го изгубивме просторот меѓу нашите тела

Кој дом ни беше...ми беше...ти беше

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска