Ана Бунтеска: Умираш или те убивам
Умираш секој ден
секојпат кога лицево си го гледам
и кога тебе во себе те наоѓам.
Умираш дур од умов те ишкам
како досадна мува
како просјак кој трча по мене
со уста полна благослови.
Умираш секојпат кога намерно
денот кога си роден го прескокнувам
како годината да има 364 дена и ниту еден повеќе
и кога веднаш го заборавам името на соговорникот
ако е исто како твоето.
Умираш,
секој ден умираш дур толку живо во глава ми клукаш
и во својата ДНК, твојата ја носам
и те убивам кога минувам покрај секоја кафеана
во која меѓу џагорот твојот глас го ловам.
Умираш
или те убивам
во себе те толчам за да те замолчам
за да не морам да ти простам
за да не ме убие љубовта која кон тебе ја имам
и глумам дека те мразам
глумам како со нож низ врат ти минувам
кога со гудалото по жици свирам
и не знам дал пеам
или те исплакувам
дали од тебе барам татичко да си
или сакам ко да си ми дете, да те гушнам
растргната меѓу себе
и себе повторно
меѓу солзата која сакам на гробот да ти ја пролеам
и радоста дека нема лузни на душава да ми оставаш.
Умираш во мене
а толку живо однатре ме клукаш
оти ќе живееш дур и јас дишам
меѓу две жици
и твојот стар капут кој сакам да ми смрди
а ми мириса на болката по тебе.
Умираш
секој ден с` повеќе те снемува
како мене во овој метеж од непознати луѓе
во непозната земја
дишејќи го воздухот кој требаше на слобода да мириса
а мене во овој миг на догорчиња ми мириса
и на твојот пораз во моите очи
во моите очи полни страв
и некаде зад него... љубов
и простување.
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска