Ана Бунтеска: Уште во градиве ми мрзне

Добивај вести на Viber

мина зимата

неосетно

брзо

како украден миг

со забранет љубовник

како воздишки

кои испаруваат во воздухот

како зборови

изречени во среќни мигови

мина зимата

развлечена меѓу

нашите две гледања

студена како празнината

од твоето заминување

тивка како моето срце

дур со преплетени прсти те чекам

насмеана и растрчана

кога кај мене се враќаш

мина зимата

поткопана од смрт

на неколку драги души

растреперена од нови животи

и весел детски плач

љубовна и треперлива

дур се зачнуваат нови дечиња

полна исчекување

за збогум со смежуравени лица

мина зимата

со испишани страници

и плукнати зборови

со голтнати солзи

од мисли горчливи

со џагор и кикот

во постела со ќерка ми

со “сила дај ми”

уште малку, уште малку

мина зимата

малку ја сетив по студот нејзин

крцкање на снегот

и правење снежни ангели во него

и оваа зима мина

43-та по ред

во која љубев и губев

плачев и светев

се барав и наоѓав

за повторно да се изгубам

во која умрев и повторно се родив

ете, мина зимата

некако брзо, неосетно

а мене

мене уште во градиве ми мрзне



За Женски Магазин, поетесата Ана Бунтеска