Ана Бунтеска: Во бела руба
Бела руба
Бела...
Чиниш во неа облаци заспале
Долга и свилена
Чиј допир е ко галеж од ангел
Та како што крилата негови
По образот нежно минуваат
Така од среќа и спокој
Окото само си солзи
А усните тивко шепотат
“Од убост за убост да биди”
Бела руба со монистри навезена
Та и тие во белината спијат
Како дечиња пикнати во мајка си
Во градите на доилката стутулени
И само на сонце светкаат
Во форма на дрво разгрането
А на него на конец мисли нанижани
Која од која со молитва поубава
Како од медена уста на наречници
Руба ко за невеста стокмена
А невестата со коси распуштени
А низ нив
Низ нив пупки од рози бели
За радост да биди
За да се фати среќата во косите нејзини
Да не остари предвреме
Та наместо душата
Косата на младост да и’ белее
Чунки судбата на многу жени таква е
Староста на младост да ја живеат
Руба бела
До земја долга и лелеава
А таа испраена ко светот нејзин да е
Со погледот напред
Стокмена и заруменета
И раце стиснати со прсти сплетени
А од ликот ништо не и’ се гледа
Ниту пак некому нешто кажува
Застаната ко времето да заминало уџум
Со погледот на портите вперен
И така стои со векови
Чекајќи ете љубениот порти да отвори
И низ нив рака в рака да излезат
По пат кој ќе е само за нив проодлив
Молчелива и трпелива
Сета бела ко од бајка излезена
Во која освен белата
Сите други бои имиња немаат
Со векови слика замрзната
На жената во руба бела
Сета монистри и срма
Како за невеста стокмена
Како за љубов
Како за живот
Како за чекање
Како за смрт...за чекање до смрт
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска