Ана Бунтеска: Во душите се поболевме
Оболевме
Во душите се поболевме
Како од канцер мислите изгризани ни се
На радоста веќе ниту името и’ го паметиме
И некако се’ стивна
Како звукот да онеме во сечие срце
Ко чума црна да зафати
Та чоек со чоек се одроди
Ниту љубов никулец да пушти
За дрво да се разграни
А под сенката спокој и смеа да гргори
Ете
Оболевме
Чунки некој над нас со меч стои
И главите удолу ги држиме
Со тегови на клепките
Од кои очите небо не гледаат
И восок од свеќа за задушница во ушите
Та ниту збор иљач не слушаме
И пришиени усни со рибарски конец
Та се чудиме оти на шкрги дишиме
Оболевме
Рака не си подаваме
Ниту пред среќата се поклонивме
Или барем на колена пред убајте луѓе да падниме
Како за молитва
Како за кажана молитва
За здравје на оние кои ги љубиме
За да ни траат и тука да се
Оболевме
И небото и земјата ги поболевме
Та ни за горе место ќе ни се најди
Ниту долу ќе не’ збери
Ете само така ко за грев на земјава ќе чекориме
Полуживи или полумртви
Ниту со крила на плешките
Ниту со рогови на челата
Оти никаде не припаѓаме
Оти оболевме
И од лошотилак се поболевме
Та сонам ден
Во кој минатото ќе го скршиме
И пепел од него ќе сториме
За да може иљач за сегашноста да се најде
И кроце да заздравиме
Со убост и кроткост на колена
Пред децата солза да пуштиме
Пред нив и од нив прошка да побараме
Оти за малку
За само една трошка нељубов
Иднината ќе им ја запустевме
Од пуста болест која сите не’ снајде
Од пуста нечоечност која боли
Која дроби
Која јаде