Ана Бунтеска: Во лов на зборови
Ми се трошат зборовите,
ги бројам, пребројувам,
малку ми се чинат,
како да ги оставам зад себе дур чекорам
за да можам патот назад до себе да го најдам.
Затоа решив да не зборувам многу,
оти ме фати страв да не ги потрошам наеднаш,
птиците да не ги исколваат,
да не ги избуричкаат,
та да не можам дома да си дојдам.
Сега ги запишувам,
на хартија ги заробувам и помирна сум,
некако посигурно ми се гледа да ми се тука,
на едно место собрани,
а и поедноставно ми е броењето.
И само што ќе помислам дека сум спокојна,
ќе турам вино и цигара ќе запалам,
ќе чујам шушкање и мрморење,
некој збор од хартија како склизнува,
перфидно и кришум некаде ќе избега.
Тогаш почнува лудило да ме фаќа,
врескам и претурам насекаде,
го мамам со слатко од портокал
ветувања и преколнувања,
но итри ми се зборивите, та не попуштаат.
На ум сум стапици да ставам,
како на времето баба ми глувци кога фаќаше,
но се плашам да не ги повредам и раскрварам,
а башка што ноќе во темнина дур шетам,
можам и јас во стапица да се фатам.
И затоа решив да ги пуштам,
наместо нив, ќе бројам нешто друго,
ете, на пример чекорите ќе си бројам,
само ги замолив нежни да бидат
оти со сета своја кревкост, како ножеви сечат.
Сега сме раат,
тие од мене и јас од нив,
иако некогаш дур ги гледам и им се смешкам,
ги замислувам во кафез заробени,
немоќни и од солзи замачкани.
Толку сакав да кажам вечерва,
можеби можев и поинаку,
нешто подобро од ова да напишам,
но, зборовите ми се малку инаетливи,
па сами вака се поднаместија.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска