Ана Бунтеска: Во очите ти умрев

Добивај вести на Viber

Секој ден смртта си ја гледав во очите твои,

како те напуштам, или ме напушташ, сеедно,

не остана ништо освен обрис од мојот лик,

кој ден за ден стануваше поблед и маглив.

А жива бев, ах како бев полна живот и смеа,

со радост во срцето и усни полни зборови,

со приказни за утрешнината која ја гледав

и раце во кои лежеше грст љубов за тебе.

Ме отсака, ете токму така,

сосем ненамерно, ниту пак планирано,

ме отсака како дете што отсакува играчка,

сосем невино и наивно, без никаква умисла.

И се борев, со сите сили и начини,

те опкружив со милост, со топлина

која повеќе те измачуваше отколку што те усреќи,

но, толку знаев, така само умеев.

Ете, да се отсака човек не е грев,

впрочем против себе ниту можеше,

а ниту јас сакав насила да останеш тука, покрај мене,

та си ја припремав самотијата како топло легло во зима.

Во очите ти умирав, полека се топев,

колку и да се трудев, себе повеќе не се гледав,

видов нови облици, туѓ лик ти светеше во зениците,

лик кој не беше мој, ниту пак го познавав.

И едно утро, навидум мирно, полно спокој,

седнати еден наспроти друг во тишина,

дур го пиевме чајот кој мирисаше на малина,

во твојот поглед, мојот лик испушти душа.

Се насмевна, се насмевнав,

знаеше дека знам, како што јас знаев дека ќе заминеш,

ме погали по студениот образ со дланка која веќе беше на нечиј друг лик,

додека мојот, мојот во очите твои веќе беше мртов.


За Женски Магазин, Ана Бунтеска