Ана Бунтеска: Во твоите чевли
Тежок ми е чекорот во твоите чевли
преголеми за моите стапала
премали за срцево во нив да го собере
та кај и да одам со себе ги носам
уредно спакувани
како што некои чудаци
урните од освоите блиски ги чуваат
и насекаде низ светот по ронка пепел фрлаат.
А јас,
јас твоите чевли наместо свилена кошула ги носам
со себе
во себе, во умов ги пробувам
потсетувајќи се секојпат
како низ душава ми имаш газено
без милост како за чедо
како догорчиња да газиш.
Твоите чевли до мојата музика спијат
и некојпат врвците околу вратов ми се
затегаат токму онолку
колку што е потребно со вресок да се будам
а никогаш доволно силно
за навек да заспијам.
Твоите чевли
како спомени кои ги немам
и кои сум ги запретала во земјата од која заминав
немоќна да ги фрлам
в река да ги пуштам
и да гледам како водата ги носи
како давеник за нив се држам
за да паметам
мирисот да не ти го заборавам.
Во мојот свет с` е толку малечко
толку ситно и кревко
освен твоите големи и тешки чевли
стари и износени
поткинати и оздола со кал засушена
со парчиња од моето детство
на нив залепено.
Твојот чекор
твоите чевли
и мојата нежна душа
која како на ченгел виси на врвците.