Ана Бунтеска: Во устата земја кога имаш

Добивај вести на Viber

кога земја в уста имаш

сува, распукана и горчлива

нема плунка со која

кал ќе можеш да ја сториш

за полесно да проголташ

да поттурниш

да се прелажеш дека тесто е

без мирис и вкус

кога земјата вкус има

на дождот во неа што се впива

на телата чии меса се распаднале

на солзи пролеани

и крв испуштена

закопани тајни

убиени спомени

отпечатоци од колена

од бес

тага

бол и молитви

во устата земја кога имаш

ја шириш вилицата

ја зјаеш до пукање

и пак не успеваш

сета горчина да ја извадиш

ниту нечистотијата

која меѓу забите ти се пика

та ти иди сите заби да ги извадиш

јазикот да си го откорнеш

со нокти устата да си ја раскрвариш

за да вкусиш железо наместо пораз

и плукаш

душата да можеш ќе си ја исплукаш

од гнас а без глас

ниту плач

оти срцето ко те боли солзи нема

во устата земја кога имаш

како жив закопан си

и полека земјата и телото ти го полни

не дишеш

ниту преташ

и од земја во земја се претвораш

со надеж

пуста надеж

дека еден ден ќе заврне толку силно

за коренче да пуштиш

да заживееш

да се вивнеш

од земјата угоре

високо

накај облаците

накај сонцето


За Женски Магазин, Ана Бунтеска