Aна Бунтеска: за арно да биде
Да можеш без многу зборо’и
Низ чо’ек да гледаш
Да му видиш каде облак сонцето му го скрил
И маката кај му е
Дал’ душата му тежи од јадови
К’о алишта во врела вода накиснати
Та поло’ината да те заболи дур’ ги кренеш
Или срцето му е од љубовна болка нагризано
Ко капутон што виси онде
Дополу од молци изеден
Оти ова лето си забора’ила нафталин в плакарот
да ставиш
Да може чо’ек со чо’ек да се види
Без да се ломоти со часо’и
Без првите неколку да минат во глума оти уба’и сме
Та после да ни се отвора маката пред другиот
Ко цвеќе на пролет што под сонцето се отвора
Та ко’ ќе видиш
Едночудо време туку така ошло
Оти гордоста не ни дала да сме она што сме
Ех
Да може чоек така своето да си го препознае
Љубовта да си ја види уште од далеку
Да не му врват годините залудно
И времето да не си го троши на љубов-нељубов
Ете така
Да може да препознае уште првите дено’и
Оти треба да си замине од некој
И во тишина да се завитка
Како ларва во кожурецот
И да чека
Да почека дур’ не дојди точно вистинскиот миг
За да летне од ларва-пеперутка
Така и чо’ек ко од зимски сон да се разбуди
И по години самотија друшката да си ја најде
Та да блесне к’о сонце во вода
Абе да блесне чиниш од Господа допрен е
И да се стори убав во ликот
Да му се насмеат очите
А во брчките
Во браздите кај усните цвето’и да му никнат
И спокој во душата да му се всели
Да му разграни к’о круна на дрво
И да се наполни со плодо’и кои ќе стежнат од уб’ост
Ама да може ете без многу зборо’и
И без многу болка
Чо’ек умен да е
Или барем некој да му шепне дека среќен ќе е
За да му да’е сила и крилја да летне
И сон за кој преку ден ќе сонува
Ех, така да можеше
Да можеше ете и мене некој некако да ми каже
Та да знаев тој ден дома да си гувеев
Да седнев пусто погача да замесев
Или да научев како се сукаат кори
Ама пусто така не одело
Оти тоа што чкртнато ни е не можеш да го рипнеш
Оти вир сред пат не е
Ниту да го скокнеш можеш
Оти камен сред нива не е
Та к’о дете да се затрчаш за да летнеш преку него
И затоа вака ќе се помачиме
И ќе се сопнуваме
Колената да ни крвават, ама не премногу
Срцата да ни се стегаат, ама не премногу
И душата да нѐ боли, ама само премногу да не е
И што и да е
За арно да биде
За арно на сите да ни е
За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска
Фото: Стојан Стојановски