Ана Бунтеска: Замисли, еве, замисли

Добивај вести на Viber

Замисли да умреме во исто време

ете

денот таков да се погоди

за иста чкртката да ни е

некој, кој било ден

(не туку ми мрчи сега).

Еве, земи календар

замижи

и со прстот наслепо одбери датум

ама баш тогаш да си заминеме од овој свет.

Дали освен што можеби гробовите блиску ќе ни бидат

(ко да ќе можиме на гости да си идиме)

ќе има уште некоја сличност во умирачките?

Јас веројатно ќе си појдам полна грижи

од тоа дали дождлив ќе се погоди денот

оти не оди да се избербатат луѓето во чевлите

па дали сонце ќе пекни и сите глата ќе ги боли

та ќе ми биди жал за оние кои ќе ме плачат

па малку ќе ме нервираат оние кои за сеир ќе се таму

ко да е многу забавно ако гледаш мртовец.

А ти,

тебе те замислувам спокоен

како седиш некаде озгора и чешит фаќаш

па ќе ми кажуваш интересни приказни за секој што ќе се натопори

било маж или жена

а потоа мене ќе ми се навртиш

па ќе ме задеваш

оти фустанот кој за умирање сум го одбрала е долг

а и старките не ми се светнати ко што треба

и сигурно ќе ми речеш оти косата ќе требаше

посветла да ми биде

демек ко за лето (не за бендисување)

а и дека сум можела од оние градници да ставам

што ги прават градите пополни.

А јас,

малку ќе ти се лутам

па ќе се смешкам

па уште ќе се замислам дали ти се бендисувам

таква – никаква – умрена

и ќе знам оти во право си бил

ко си ми велел оти нештата треба од себе да ги пуштам

а и ним простор да им дадам од мене да здивнат

оти дал во животот мравка или штурец си бил

пак ќе завршиш како и сите.

Освен,

освен што ќе знаеш дека си можел да одбереш

дал насмеан и во љубов ќе се простиш од светот

или полн страв ко умрен ќе живееш...

Замисли...

еве, замисли н`

како умираме во ист ден.

Замисли дека тука си

а јас денес се фарбав

тазе, светла... ама ко за бендисување

ко за тебе.

Толку далеку.

Толку блиску.

Толку тука.

За Женски магазин, поетесата Ана Бунтеска

Фото: Стојан Стојановски