Ана Бунтеска: Зборот алтан да ти биде
Алтан зборот да ти е
К’о ламба во ноќ да свети
К’о стомна вода за жеден човек да биде
К’о корка леб в рака на сирак
К’о мирен сон за грешник
Уста ко’ ќе отвориш мед да потече
Ама пусто за така
За така да биде душата треба чиста да ти е
К’о бистра вода во планина
К’о небо без облаци
К’о снага на мома лична
К’о дете на мајчини гради
Душата да не ти се испогани
Со лоша мисла да не ја храниш
Со завист да не ја поиш
Да ја чуваш к’о азно под перница
И одвреме навреме да ја забришуваш
Таму кај што се заматила да ја светнеш
Кај што лошотилак капнал
Таму пиле да ја замиеш
За да не ми ти го нагризе срцето
Оти најбрзо човек заборава кој е
Ако душата некаде по пат си ја остави
И не остави некој знак за да се врати по неа
Та сетне
Сетне години ко’ ќе минат џабе е
И да ја сретнеш пак си заборавил оти твоја била
А и да ја одминеш можеш
Оти ѓаволот веќе си ја зел и по свое ја скроил
Алтан да ти е зборот
Со него да лекуваш
Со него љубов да даваш
Некому надеж
Некому љубов
Некому утеха
Ама никому болка да не нанесеш
Оти човек колку и силен да се прави
Ниту телото
Ниту душата од камен му се
И на дикат си клава
Од умот после на срцето му тежи
Дур’ еден ден телото не му заболи
Дур’ болести не го изгризат однатре
Да ми го паметиш ова
Дека зборот знае сабја да биде
Да исечи онаму кај што нож не може
Да искине во човека сѐ
К’о од хартија да сме сторени
Така може зборот да те скине
Така можеш некого со збор да скинеш
И не џабе се рекло
Оти зборот треба алтан да ти биде
Поарно премолчи
Поарно насамо изнапцуј се
Викај и лути се
Оти еднаш кажаното да го голтнеш не можеш
Ниту назад да го вратиш
И тебе ќе те боли
Не само оној за кого било наменето
И тебе на душа ќе ти тежи
И умот таму ќе ти биде
Умен да е човек
Умни да сме и да знаеме во себе СТОП да речеме
Да го замрзнеме зборот пред од нас да излезе
Оти тој алтан треба да е
И ништо помалку од иљач
Ништо помалку од љубов
Ништо помалку од живот
Фото: Стојан Стојаноски