Ана Бунтеска: Знам дека те немам...ме немаш...се немаме
Од сите прашања
најтешко ми паѓа она за тебе
“човекот...постои ли човекот навистина?”
и тогаш посакувам да сум те измислила
ете, колку да се чкртка нешто на хартија
да си поплачам во себе
да ми олесни некако
и денот со смеа да го почнам
од сите одговори
најтежок ми е оној пред себе
кога се враќам назад
како на забрзана снимка
и повторно те врвам
со сета сила љубовта кон тебе ме удира
во глава
па мислите ко здробени ми се
во гради
па како надгробна плоча со себе да носам
во стомак
па ми крвари матката копнеејќи ми за чедо
во нозе
па со железен чекор ги одминувам “нашите” места
во раце
па од под ноктиве мастилави редови ти пишувам
и не знам што да кажам
постоиш ли?!
постои ли некој кој од себе си го откорнал
а душата уште на него ти мириса
постои ли некој чиј допир одамна избледел
а телото уште неговите сокови ги носи
постои ли некој чие лице
мижејќи меѓу илјадници ќе го најдеш
а одбегнуваш дури и случајно на улица да го погледнеш
не знам
не знам колку постоиш
ама знам колку мене ме нема
или барем колку се трудам за тука да сум
сета згрчена и нема
со лик како од камен
и стаклени очи
стиснати усни и нокти во дланки зариени
дур срцево од немоќ ми вреска
ете, од сите прашања
само тоа ме боли и убива
оти не сум ни за “да”
ниту пак за “не” да речам
оти дур во мене живееш
и однатре ме глодаш
знам дека те немам
ме немаш
се немаме
постоиш ли?!
За Женски магазин, поетесата Ана БунтескаФото: Стојан Стојановски