Андон Дамовски: Лицата со попреченост не се попречени толку од состојбата во која се наоѓаат, колку од општествените околности

Добивај вести на Viber

Книгата дава широк преглед на влијанието на социјалната политика врз лицата со попреченост, потенцирајќи ги клучните процеси во една конструктивна дискусија. „Лицата со попреченост“ е структурирана е во четири логички заокружени целини и секоја од нив има посебна цел, теоретска разработка и дава свои заклучоци, истакна авторот на ова стручно издание Андон Дамовски на вчерашната онлајн-промоција на „Лицата со попреченост“ на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“. Разговорот го водеше уредникот на книгата Филип Видиновски, а оваа книга веќе може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“, како и да се нарача онлајн преку интернет-страницата www.literatura.mk.



 
Андон Дамовски дипломирал на Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а на Институтот магистрира на насоката социјална политика. Во моментот е докторанд на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет на УКИМ. Од 2013 година работи во Установата за вонсемејна социјална заштита, со посебен фокус на подрачјето на организирано живеење за лицата со попреченост.
 
– Ова е актуелна тема за лица кои имаат што да кажат и треба да се интегрираат. Повеќепати во книгата е спомената фразата дека лицата со попреченост не се попречени толку од состојбата во која се наоѓаат, колку од општествените околности во кои се наоѓаат – посочува Дамовски и додава дека во Македонија изминативе десет години се направени значајни поместувања во оваа сфера, но и додава дека не е пожелно секогаш да се преземаат регулативи од други земји со оглед на тоа што секоја држава има свои специфики што треба да се земат предвид.


 
Дамовски ја пишувал оваа книга околу три години со цел да биде актуелна, а рецензенти на изданието се универзитетските професори Сунчица Димитријоска и Ристо Петров од Филозофскиот факултет. Вели дека е посветен на научно-истражувачката работа, но кога работел на книгата се потрудил да биде лесно разбирлива за секој читател. „Лицата со попреченост“ е фокусирана на заштитата на лицата со попреченост како еден од најосетливите и најспецифичните елементи на општествено развојната, економската и, пред сѐ, социјалната политика воопшто. Обврска на секоја држава е да го афирмира развојот на заштитата на лицата со попреченост во рамките на модерната, плуралната, социјалната политика, имајќи го предвид лицето со попреченост како поединец, личност со сите свои општи и специфични потреби. Системските решенија мораат да ѝ овозможат на секоја категорија лица со попреченост да ги формира, да ги изрази и да ги реализира своите основни развојни потреби и посебни интереси, да има еднакви можности како и другите луѓе.


ПР објава